Sunday, June 20, 2021

Обуките за заеднички ученички спортски и забавни активности омилени меѓу наставниците

При крајот на март, Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, во соработка со Отворените забавни фудбалски школи, по четврти пат организираше дводневна обука за наставници-обучувачи за заеднички ученички спортски и забавни активности.

Водејќи се од идејата за спортот и забавата како одлични алатки за интегрирање на учениците од различни етнички заедници, целта на обуката беше да се развијат вештини и експертиза кај наставниците за планирање и спроведување на рекреативни активности во училиштата. На обуката, што се одржа во Струмица, учествуваа околу 40 наставници од 10 повеќејазични училишта од повеќе општини од цела Македонија.

DSC07948Непосредно по пристигнувањето и кратката презентација од страна на тимот на ПМИО, наставниците ги посетија спортските терени, каде што со помош од професионални тренери изведуваа рекреативни активности на три различни спортски станици. Позитивната атмосфера и еуфоријата кои владееја на теренот се слушаа од далеку. Иако натпреварувачкиот  дух беше неизбежен, сепак, значајно е тоа што сите активности беа дизајнирани на начин кој овозможува секој учесник истовремено да е и победник, сè со цел да се истакне и промовира тимска работа и фер однос помеѓу играчите.

DSC08022Во продолжение на обуката, наставниците активно учествуваа и на две теоретски работилници. На првата, им беа презентирани начините за ефикасно мотивирање на учениците да учествуваат во спортски и забавни активности. Пред сè, преку поттикнување на комуникација и отвореност кај децата за време на игрите, но и во нивниот секојдневен живот. На втората работилница, наставниците споделуваа знаење и разменуваа позитивни искуства од досегашното работење. Тие имаа и задача, меѓусебно комбинирајќи ги добрите практики, заеднички да создадат креативни спортски и забавни игри во чиј фокус е самиот ученик како индивидуа.

На крајот, креираните игри беа демонстрирани на терен, при што наставниците се најдоа во улога на деца и интензивно се забавуваа и рекреираа. Тие не го криеја задоволството од новите искуства и вештини, и беа согласни во едно, дека единствен недостаток на обуката е што не трае подолго.

Од наставниците кои учествуваа на обуката се очекува да придонесат спортските и забавните активности редовно да се практикуваат и да станат нераскинлив дел од образовниот процес. Охрабрени и подржани од тимот на ПМИО, тие ќе продолжат да организираат активности, преку кои учениците од различни етнички заедници непосредно ќе комуницираат, ќе се дружат и забавуваат. На тој начин, додека учениците градат мускули, ќе градат заеднички спомени и заедничка иднина.

DSC01342