Friday, July 30, 2021

Обука и јавна дебата во Прилеп

DSC02105Во изминатиот период, дебатниот клуб на ПМИО и МОФ во Прилеп учествуваше во низа активности. Членовите на новиот дебатен клуб за почетници присуствуваа на предавањата за форматот на дебатирање „World Schools Style“. Предавањата вклучија теми поврзани со аргументирано изразување, држење на говор за време на дебата, градење и побивање случај, улогата на говорниците во дебата и критичко размислување.

Истовремено, поискусните дебатери од клубот во Прилеп присуствуваа на обука за дебатни тренери, која им овозможи да ги надградат вештините за дебатирање и да се оспособат за водење на дебатниот клуб во нивниот град.

Kон крајот на ноември, средното општинско училиште „Орде Чопела“ од Прилеп, беше домаќин на јавна дебата на тема „Младински инцијативи – пример за соработка, интеграција и доверба“.

На дебатата учествуваа професорките по македонски јазик и литература, Анита Бунеска и Елизабета Пирганоска, како и учениците Емилија Чавлеска и Александар Пижов, искусни дебатери кои од оваа година се во улога на дебатни тренери во клубот во Прилеп.

Присутните средношколци и професори дискутираа за начините како младите да соработуваат едни со други, покрај сите разлики кои ги носат поради својата култура, етничка припадност, социјална позадина, како и различните гледишта и ставови што ги застапуваат. Професорките во своите говори споделија искуства за тоа како секојдневно се едни од најактивно вклучените актери во овој процес на меѓусебно разбирање и градење на подобро општество. Тие се одговорни за младите во нивното училиште и имаат обврска да ги насочат на вистинскиот пат. Дебатерите од друга страна, зборуваа за начините на кои може да ја употребат дебатата за да ги срушат стереотипите кои постојат помеѓу младите.

Овие активности се реализираа како дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.