Friday, September 24, 2021

Нови почетоци – нови предизвици за училишните интегративци од модел училиштата

IMG_7927Новата учебна година стартува. Училиштата и наставниците веќе подготвени ги дочекуваат новите предизвици. Токму во таков момент, во пријатна атмосфера каква што може да има во Маврово, 50тина претставници на тимовите за училишна интеграција (СИТ) од сите модел-училишта, на 25-26 август учествуваа на семинар за споделување на искуства и идеи за тоа како да се обезбеди континуитет во промовирањето на моделот на интегрирани училишта.

Водени од тимот на ПМИО, учесниците ги споделуваа своите идеи и визии за тоа како ќе продолжат по патот на зближување на сите ученици од сите наставни јазици. Од страна на екипата на ПМИО беа претставени наоди од многуте истражувања кои беа спроведувани во модел училиштата во изминатата учебна година, и токму тоа послужи како основа да се увиди како стојат училиштата со процесот на интегрирање, и каде има простор и препораки за дополнителни интервенции.

„Имаше многу пријатна атмосфера, навистина се забавуваме на оваа дводневна обука, и се надевам дека ќе ги примениме успешно сите новитети во новата учебна година“, вели Елвин Кансу, наставник.

„Успешна, полезна и пожелна обука“, смета Зора Бушевска, советничка во Бирото за развој на образованието(БРО) „Училиштата добија појасна слика за себе и преку самите реферирања на другите училишта“, истакна советничката од Бирото.

IMG_7933Инаку, тимовите за училишна интеграција (СИТ) кои се создадоа и функционираат во голем број училишта имаат мошне важна улога во спроведување на активностите наменети за зближување на различностите и градењето заеднички вредности. Досега во соработка со ПМИО членовите на овие тимови од училиштата низ цела Македонија спроведоа стотици активности кои ги вклучуваа нивните колеги, учениците, родителите и локалните заедници.