Saturday, September 18, 2021

Нови почетоци во духот на заедништвото во модел училиштата

1 IMG_8017 (2)Интересно, една година од 365 дена изобилува со многу почетоци. Тука е почетокот на Новата година во јануари, па доаѓањето на пролетта, со својата симболика на будење на природата и животот. Но, кога се работи за училиштата, кај сите деца остануваат врежани сеќавањата и позитивните емоции од првиот училиштен ден – 1ви септември.

Ниту оваа година тоа не беше исклучок, и скоро во сите училишта низ земјата првачињата беа дочекани со топло добредојде. Сепак, новата училишна година ја одбележаа и неколку поинакви пречеци на првачињата. Во модел училиштата во Охрид и Куманово, 1-ви септември не беше само прв ден во училиште, туку и ден за афирмирање на заложбите на училиштата за интегрирано образование, кое ќе им овозможи најдобри услови на Агим, Моника, Елвис и Севим секојдневно да се дружат и да го градат своето пријателство.

Во овие училишта се организираа кратки приредби, на кои, ученици од сите наставни јазици одиграа различни точки. Во Куманово, во двете модел училишта, учениците ги поздравија присутните првачиња и родители со популарната детска песничка „Штом си среќен“, испеана на двата наставни јазика. Додека, во Охрид учениците пееја детски песнички на трите наставни јазици.

IMG_8026И не само тоа, директорите на училиштата не пропуштија можност да истакнат дека тоа што нивните училишта ги прави специфични е токму работењето во насока на зближување на сите заедници. Тие посочија дека училиштата посветено работат на промовирање на вредностите на мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција. Ваквите заложби на училиштата беа позитивно прифатени од присутните гости и наградени со аплауз.

Со приредбата сакавме да покажеме дека училиштето било и ќе биде пример за соживот на сите граѓани на Македонија. Со ова навестуваме дека сите ученици заедно ќе се дружат, заедно ќе играат и заедно ќе учат, бидејќи иднината е во нивни раце“, истакна Муамер Доко, директор на ОУ „Братство Единство“ од Охрид.

Истовремено, во сите училишта на присутните гордо им беа претставени знамињата на модел училиштата, поставени на надворешната фасада, како и Декларациите за меѓуетничка интеграција, истакнати во внатрешните холови.