Saturday, September 25, 2021

На крилјата на пријателството

DSC02455Полна сала со насмеани и распеани детски лица, кои љубопитно ги следеа чекорите на нивните нови пријатели и го учеа новото оро – за нив сосема непознато. Во училиштето ечи турска и македонска музика, , на забава која спонтано ја организираа самите ученици. Целиот настан се одвива беспрекорно, без ниеден наставник во близина. Наставниците – во сосем друг дел од училишната зграда, каде заеднички ги сумираа впечатоците од успешниот ден, разменуваа искуства и разговараа за идната соработка помеѓу нивните две училишта.

DSC02395Ова е последната глетка при нашето заминување од О.У „Св.Кирил и Методиј“ од Канатларци, Прилепско, кое дента ги пречека на возвратна посета пријателите од ОУ „Синиша Стоилов“ од Зрновци. Воспоставените другарства помеѓу наставниците и учениците од двете училишта, кои веќе имаа една заедничка средба во Зрновци, дента се продлабочуваа низ повеќе разновидни активности: спортски натпревари со мешани тимови од двете училишта, заедничко сликање на слики на тема „заедништво и пријателство“, рачно боење на разновидни мотиви на маици со шаблони, и пишување на заеднички стихотворби на тема „Моќта на пишаниот збор“, при што учениците создаваа стихотворби на хамер наизменично нижејќи строфи на македонски и на турски јазик..

Заедничките активности беа само вовед во тоа што следуваше – прослава на патрониот празник на училиштето домаќин. Домаќините заедно со гостите подготвија програма која, освен точки за патронатот, беше посветена целосно на пријателството и на активностите кои учениците ги реализираа заеднички претходно . Подеднакво се слушаа и турскиот и македонскиот јазик. На бината се читаа напишаните стихотворби, се презентираа насликаните слики за пријателство и маиците избоени со прекрасни мотиви. Со сплет од традиционални турски ора, во ритамот на музиката и со насмеаните лица, играорците ја понесоа публиката, а атмосферата се развесели уште повеќе со настапот на играорната група од училиштето од Зрновци, за да кулминира на крај, со заедничкиот настап на двете играорни групи .

За крај, учениците-домаќини ги поведоа своите пријатели од Зрновци на заедничка прошетка низ Канатларци.

DSC02411Името Кантларци доаѓа од турскиот јазик, т.е. зборот „kanatlar” значи „крилја“. Така, во ова убаво место, носени на крилјата на пријателството, учениците од Кантларци кои учат на турски јазик и учениците од Зрновци кои учат на македонски јазик ја покажаа својата креативност, научија нешто ново за нивните другарчиња и споделија низа среќни моменти.