Wednesday, October 27, 2021

На заедничка прослава по повод реновирањето во ОУ „Кузман Шапкарев“

На 11 март 2015 година, во ОУ „Кузман Шапкарев“ од Кисела Вода се одржа свечен настан, со кој се одбележа завршувањето на зафатите за реновирање на ова училиште помогнато од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. Реновирањето на електричната инсталација беше само еден поттик повеќе за вклучување на учениците на ова училиште во бројните активности за унапредување на меѓуетничката интеграција.

На настанот присуствуваа и учествуваа и ученици, наставници и директорот на партнерското училиште „Наим Фрашери“ од Студеничани. По пречекувањето на претставниците од ЕУКОМ, УСАИД, Проектот и општина Кисела Вода и самиот свечен чин, учениците ги презентираа заедничките ученички активности, кои веќе ги започнаа на претходни средби. На првата работилница, учениците изработуваа лого кое ќе ја претставува соработката помеѓу двете училишта. Втората работилница беше наменета за изработка на постери и пораки за соживот. На работилницата по математика, пак, учениците од училиштето-домаќин го искористија присуството на нивните гости, и на крајот се пофалија дека научиле да бројат на албански до десет. Освен работилниците, интересна беше и презентацијата на заедничката група на извидници од двете училишта, која ги сподели нивните вештини со посетителите.

Никој не остана рамнодушен на срдечната соработка помеѓу учениците. Атмосферата предизвика интересирање кај сите посетители, кои со големо внимание ги проследија активностите. На крај, сите заеднички се упатија кон просторијата каде што се служеа разновидни специјалитети од двата региона. Учениците и наставниците имаат јасен план за тоа што ќе следи понатаму – веќе е определено кога и каде ќе бидат нивните следни средби и активности, па им посакуваме уште поуспешна соработка во иднина.