Wednesday, August 4, 2021

Мултикултурна работилница ,,Воз од желби“

Заедничко дружење, соработка и запознавање со основните јазични обележја на различните етнички задници, беа главните цели на мултикултурната работилница ,,Воз од желби“, што се одржа на почетокот на декември во основното училиште ,,Живко Брајковски”, во скопската општина Бутел.

На работилницата учествуваа 16 ученици од трето одделение во мешан етнички состав – Македонци, Албанци и Бошњаци, како и неколку родители кои помагаа во реализацијата на активноста. За време на настанот, учениците преку игра и заеднички вежби, покажаа голем интерес и љубопитност да научат зборови на јазиците на етничките заедници од нивното соседство.

„Учениците работеа во групи, како во една кошница, сплотени, меѓусебно се запознаваа и си разговараа, а успеваа и да се разберат, иако зборуваа на различни јазици“, вели Лилјана Стојановска, ментор на работилница. Нејзината колешка, Џезиде Суљејмани истакна дека учениците создале прекрасна атмосфера за време на работилницата, преку искрена соработка и размена на идеи во текот на вежбите.

Како финален продукт од работилницата, учениците ја создадоа прекрасната зимска приказна ,,Мојата снежна населба“, а тоа го прославија со песна и игра. Пред разделбата, учениците се договорија заедничките дружби да продолжат и за време на зимскиот и летниот одмор.