Thursday, June 17, 2021

Младите новинари ги истражуваа знаменитостите во Струмица

Во текот на март и април, ученици и членови на новинарската секција од основното училиште „Маршал Тито“ од Струмица,  заедно со одговорните наставници, истражуваа за спортот, музиката, културата и знаменитостите во градот.

6

Старата турска пошта, Орта Џамија и храмот на Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици беа првите места што ги посетија младите струмички новинари. Потоа, следеа посети на Историскиот архив и Музејот на општина Струмица. Исто така, учениците прибираа податоци и интересни информации преку директни средби и интервјуа со познати музичари, историчари и спортисти од градот.

1

Особено интересни за учениците беа посетите на знаменистостите во околината на Струмица. Тие заедно со наставниците беа во обиколка на,,Струмин гроб“, манастирот во Водоча и манастирот во Велјуса. За време на посетата на ,,Струмин Гроб“ во близина на селото Баница, учениците дознаа нешто повеќе за историјата и преданија поврзани со овој локалитет. Потоа, продолжија кон манастирот ,,Свети Леонтиј“ во село Водоча. Монахињата од манастирот љубезно ги пречека учениците и им раскажа за историјата на манастирскиот комплекс.

Задоволни од она што го видоа и научија, учениците продолжија кон познатиот манастир ,,Успение на Пресвета Богородица-Елеуса“, во село Вељуса. За време на посетата на манастирот, учениците реализираа ликовна работилница. Инспирирани од мирот и спокојот на прекрасниот манастирски двор, тие подготвија неколку цртежи и ги надополнија своите текстови со нови интересни информации.

На крајот од заедничкото дружење, дел од учениците ги споделија своите импресии од реализираните посети. ,,Кога ни кажаа наставниците каде ќе одиме, најпрво се двоумев, бидејќи сепак станува збор за христијански објекти, а досега немавме влегувано во такви. Но, по заедничката посетата на овие прекрасни места, посакувам повторно да дојдам“ – истакна ученичката Ниѓар. Нејзиниот соученик Диме вели дека е многу среќен затоа што заедно со својот другар Озѓур успеале да ги посетиме овие значајни места. „Најмногу ме радува тоа, бидејќи знам дека досега не бил овде“ – додава Диме.

Младите новинарски надежи забрзано привршуваат со своите репортажи и со нетрпение очекуваат својот труд  да го споделат со своите врсници, родители и наставници.

3 4 7 8