Monday, December 6, 2021

Кумановските партнерски училишта со нови интересни активности

1Основното училиште „Бајрам Шабани“ од Куманово, на 1 март, беше домаќин на уште едно дружење со учениците од соседното партнерско училиште „Браќа Миладиновци“. На 7-та заедничка средба, гостите пристигнаа закитени со мартинки, додека, домаќините весело ги поздравија и веднаш се заинтересираа за мартинките.

Средбата официјално започна со „Земјотрес“ и старата училишна зграда радосно крцкаше под растрчаните нозе на децата, кои се трудеа што поскоро да си најдат куќичка или станар.

Потоа наставничките Валиде Сејиди и Милена Стефановска, на секоја од мешаните групи ученици им поставија задача на половина од листот да нацртаат цвет, куќа, сонце и дрво само со една боја. Учениците започнаа да работат обидувајќи се најдобро што можат да цртаат куќа само со црвена, сонце само со виолетова, дрво само со жолта и цвет само со сина боја.

2насловна

Предизвикот продолжи и на втората половина од листот, каде што учениците требаше да го нацртаат истото, но сега, со позајмување на боички од другите деца. Секој можеше да ја даде својата четка и боја на друго дете од својата група и да ја земе неговата. Размената на бои беше возбудлива, учениците љубопитно гледаа кој каква боја има и се обидуваа да ја пронајдат вистинската нијанса за својот цртеж.

Новите слики полека почнаа да стануваат шарени и да блескаат на топлото мартовско сонце кое ја грееше училницата. На крајот, не беше тешко да се заклучи – како во цртежите така и во сите други активности во секојдневниот живот – ако соработуваш, споделуваш, даваш и примаш, сѐ може да биде повесело, побогато, поубаво.