Sunday, October 17, 2021

Интегрирање на децата преку спорт и забава

1Фудбал, игри со јаже, штафети и многу дружба и забава за време на трите завршни настани за заеднички спортски и рекреативни активности, кои беа организирани во текот на октомври, како дел од Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието.

На овие настани, кои се одржаа во Сарај, Велес и Ресен, учествуваа околу 550 ученици од училиштата: „Кирил и Методиј“ и „Васил Главинов“ од Велес; „Панајот Гиновски“ од Бутел; „Крсте Петков Мисирков“ од Радовиш; „Мите Богоевски“ од Ресен; „Димитар Влахов“ од с. Љубојно; „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица, Битола; „Браќа Миладиновци“ од Струга; „26-ти Јули“ од Шуто Оризари; „Дитурија“ од Сарај; „Мустафа Кемал Ататурк“ од Гостивар; и „Лирија“ од Тетово.

На почетокот на секој настан, најпрвин на учениците им се доделуваа маички, а потоа се распоредуваа во повеќе тимови и различни спортски станици каде што се изведуваа различни заеднички спортски и рекреативни активности, под водство на наставниците од сите училишта. Наставниците ги пречекуваа учениците со насмевка и подготвеност за дружба, а активностите ги започнуваа со игра за запознавање во групата.

Откако учениците се запознаа, на секоја станица се изведуваше посебна игра, како на пример фудбал, игри со јаже, штафетни игри итн. Иако секоја група беше составена од ученици од различни училишта, тимскиот дух во секоја група преовладуваше, а игрите се играа со голем интерес и ентузијазам. Сите групи по завршување на поединечната игра ротираа на следната станица и веднаш започнуваа со новата активност.

По завршување на активностите, учениците со „пингвин танц“ се упатуваа кон станицата за освежување и ужина.

Секој од трите настани беше приказна за себе, но детскиот дух, џагорот и радоста кои беа присутни за време на активностите, не можат да се опишат со зборови.

Несомнено, резултатот од сите овие активности се новите другарства, заедничката игра и огромниот број на насмеани и среќни детски лица, додека главниот виновник за интеграцијата помеѓу учениците од различни етнички заедници беше одличната забава.