Sunday, May 16, 2021

Економското училиште од Гостивар – брендирано модел училиште

Ученици, наставници, родители и претставници на општината го промовираа соживотот, соработката и интеграцијата меѓу сите заедници во средното економско училиште „Гостивар“ од Гостивар. Изминатата среда беше вистинско задоволство да се посети училиштето кое толку многу се залага за постигнување на поинтегрирана средина каде сите ученици и наставници го живеат сонот на секое училиште во земјата – сплотени да живеат едни со други, наместо едни покрај други.

Поводот беше брендирањето на училиштето како Модел училиште, со специфично знаме како симбол на сплотеност, и со посебна Декларација за меѓуетничка интеграција, во која се повикува на заедништво и соработка на сите заедници при реализирањето на училишните активности.

Во средата, се беше во духот на соживотот и интегрираноста на заедниците во економското училиште во Гостивар. Од училишната химна, преку гордото истакнување на симболите на интегрираност, па се до претставувањето на заедничките ученички активности, како вистински показател за тоа како се живее и работи, едни со други.

„Активно работиме три години и преземаме иницијатива за создавање на одржлива меѓуетничка интеграција во училиштето и подобрување на климата за соживот“, истакна директорката на училиштето, Јованка Огњаноска, јасно укажувајќи дека промените се суштински и стануваат дел од идентитетот на училиштето.

Економското училиште од Гостивар е едно од шесте училишта во земјата во кои интензивно се работи со сите структури на градење модел за интегрирано образование. Во текот на годината сите училишта се брендирани со посебни знамиња како Модел училишта и секое училиште има усвоено Декларација за меѓуетничка интеграција.