Saturday, September 25, 2021

Да не ја заборавиме традицијата: народни носии – изработка на ојни и киски

IMG_20150403_150035Дваесет ученички од соседните училишта ОУ „Ристе Ристески“ од Долно Косоврасти и ОУ „Саид Најдени“ од Дебар, меѓусебно оддалечени 5 км, за прв пат се сретнаа на 3-ти април на работилницата за изработка на традиционални носии, карактеристични за Дебар и за Реканскиот крај. Иако наставата во „Саид Најдени“ се одвива на албански наставен јазик, а во „Ристе Ристески“ на македонски јазик, тоа воопшто не беше пречка за заедничка работа и дружба.

Пред започнувањето на работилницата во ОУ „Ристе Ристески“, во училницата беа изложени албански и рекански носии, чии карактеристики им беа презентирани на ученичките. Тие добија задача заеднички да изработат ојни и киски,карактеристични украси на марамите од албанската и реканската носија, како и да изработат народни носии кои потоа ќе бидат облечени на кукли.. На масите во групите беа поставени разни текстилни материјали, прекрасни везени чипки, разнобојни конци, светкави монистри и други украси, игли, ножички, машички за изработка на киски и кукли без облека. По два часа работа, куклите добија облека, од машичките за изработка се појавуваа прекрасни киски , а ојните ги украсуваа рабовите на марамите. Наставниците-реализатори, со поддршка на родителка искусна во вештините за изработка на киски и ојни, постојано ги поддржуваа ученичките додека тие ја креираа носијата за куклите, везеа, шиеја и создаваа киски и ојни.

За време на активноста, низ училницата се слушаа зборовите „gjilpërë“, „игла“… Ученичките меѓусебно си подаваа игли, конци, ножички, се запознаваа и учеа како на албански и на македонски јазик се викаат материјалите, елементите од носиите и друго. Во атмосфера на соработка и дружење, ентузијазмот за работа беше многу голем, и се чинеше дека активноста може да продолжи без крај.

„Јас сум член на тимот за училишна интеграција – СИТ. Целта на овие активности е децата да се зближат и да разговараат. За ученичките од нашето училиште ова е прва ваква активност да изработуваат народни носии заедно со ученичките од ОУ „Ристе Ристевски“ и при тоа да се запознаат со карактеристиките на реканската носија. Покрај тоа, ова е можност за прв да го посетат училиштето „Ристе Ристески“, како и околината и средината. Планирани се и други заеднички активности и со тоа ја продолжуваме соработката за заедништво на двете училишта. “, вели Флорим Османовски, наставник по македонски јазик во ОУ „Саид Најдени“.

IMAG0941Фадрија Мустафоска, наставник по математика во ОУ „Ристе Ристески“ и член на СИТ во ова училиште, беше исто така вклучена директно во поддршката на оваа заедничка работилница. „Активноста е многу корисна за учениците од нашиот регион. Географски сме блиску, но културните вредности не си ги познаваме. Народната носија како културно обележје за регионот вреди да се негува од страна на сите етникуми кои живеат овде, зашто тоа е наше културно наследство кое не смееме да дозволиме да изумре. Креативната работилница е одлична можност за учениците да се запознаат и да се дружат, за утре, кога ќе се запишат во средното училиште во Дебар, да можат да соработуваат во секој поглед. За успешноста на денешните активности и за тоа колку истата им е интерена на учениците, најдобро зборува прашањето: „Кога пак ќе се организира?“, вели Мустафовска.