Sunday, May 16, 2021

Весела атмосфера, неизвесност и исчекување – Фестивал на иновативни практики за меѓуетничка интеграција во образованието – „Преку иновација до подобра интеграција“

Повеќе од 300 гости – претставници од УСАИД, претставници од клучните образовни институции и наставници имаа можност да го проследат Фестивалот на иновативни  практики – Преку иновација до подобра интеграција, кој се одржа кон крајот на јуни, во Младинскиот културен центар во Скопје и на кој беа прославени креативните и иновативни идеи на 430 наставници кои демонстрираа искрена посветеност во промовирањето и зајакнувањето  на меѓуетничката соработка преку нивното учество на Конкурсот за иновативни практики.

Фактот дека беа доставени 270 практики и беше навистина тешко да се изберат најдобрите иновации преку кои учениците ќе ги развиваат компетенциите и вредностите за меѓуетничка интеграција во образованието беше потенциран и во поздравните обраќања на Ајше Селмани, директорка на Центарот за стручно образование и обука, Жанета Чонтева, советник во Бирото за развој во образованието, како и Небојша Мојсоски, раководител на тимот на ПМИО.

„Велат дека иновацијата го движи светот напред. Доколку е тоа така, треба да сме среќни бидејќи имаме 430 иноватори, наставници кои ќе придонесат за подобрување на меѓуетничката интеграција и градење на заедничка иднина.“ – истакна во своето обраќање Небојша Мојсоски.

На Фестивалот беше промовирано и видео Биди ми пријател во кое основците од ОУ „Кирил и Методиј”, с.Романовце, Куманово зборуваа за пријателство и ни порачаа: Ние се дружиме, а вие?

Во продолжение им беше оддадено признание на 20-те финалисти кои влегоа во потесен избор со своите одлични иновативни практики, а истовремено беа прогласени и 3 практики со особено признание:

  • Заедничката изработка на наставниците Даниела Димишковска и Маја Крстевска од ОУ„Наум Охридски“, с. Булачани, Скопје, и Нимет Догани и Неџарије Саити од ОУ „26 Јули“, Шуто Оризари, Скопје – активноста „Стринг арт (String Art) – математика во уметноста или уметност во математиката“;
  • Николина Ѓорческа од ОУ„Александар Урдаревски“, Сандево и Сулејман Исени од ОУ„Александар Урдаревски“, Блаце – кои добија особено признание за својата иновативна практика „Јас сум точка од рамнината”;
  • Наставничките Злата Анчевска, Кети Темелковска, Мартина Симоновска и Наташа Трајковска од ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“, Скопје – со својата иновативна практика „Сите сме важни и еднакви“.

Потоа следеше највозбудливиот дел – објавување на победниците на националниот Конкурс за иновативни практики.

Третото место за иновативна практика за меѓуетничка интеграција во образованието им припадна на Вјолца Адеми и Соња Крајчевска од ОУ„Единство – Башкими – Бирлик“, Гостивар за нивната „Еколошко-хуманитарна акција и математика“. За да се влијае на намалување на употребата на најлонски кеси, учениците изработија платнени торби што ќе ги продаваат по симболична цена, а собраните средства ги донираа во Центарот за деца со посебни потреби. Исто така, тие дизајнираа и леток, со кој граѓаните на општина Гостивар беа информирани за штетните влијанија од употребата на најлонски кеси за време на промотивнен настан во центарот на градот.

Јулиана Алексиоска, Лулзиме Азизоска и Мебахат Ќоку од ОУ „Братство Единство“, Охрид го добија второто место за „Изработка на систем за собирање дождовница“. Мешаната екосекција од училиштето изработи проект за заштеда на водата во нивното училиште.  Желбата за успешна изработка на избраниот модел ги обедини не само учениците туку и вклучените наставници, родители и техничкиот персонал. Водата од системот започна да се користи за наводнување на цвеќињата и зеленилото во училиштето.

Прво наградената иновативната практика за меѓуетничка интеграција е „Правиме детско списание“, на Јулијана Талеска од ОУ „Климент Охридски“, Прилеп. Учениците се најдоа во улога на главни уредници, лектори, фотографи и новинари со предизвик да креираат детско списание што вклучува теми за културните карактеристики на етничките заедници што живеат во Македонија. Посебен простор во списанието се одвои  за  интервјуа со претставници на етничките заедници за кои учениците претходно истражуваа. Учениците го одбраа дизајнот и ги одредија другите теми од списанието (музика, спорт, квизови итн.). Големиот продукт на малите новинари ја доживеа и својата промоција кога беше презентирана  печатената и електронската форма на детското списание. Дискусијата во завршната активност покажа дека учениците преку запознавање со интервјуираните лица осознале повеќе за сличностите и разликите помеѓу етничките заедници во Македонија и ги намалиле предрасудите и стереотипите.

За крај, беа презентирани најдобрите 26 практики преку постер егзибиција, која може да ја погледнете тука.

Погледнете го ова видео за да видите како изгледаше целата атмосфера од овој прекрасен настан, во кој уживаа сите: