Sunday, May 16, 2021

Отворено срце и отворен ден за сите – на посета во ОУ „Братство Единство“ во Охрид

DSC09060На 20 јануари 2015, во охридското модел училиште „Братство Единство“ се одржа отворен ден, кој предизвика интерес кај голем број љубопитни родители, наставници, ученици, претставници од општина Охрид, претставници од ПМИО, кои со големо внимание ја проследија програмата на учениците.

Срцето на овој настан беше претставувањето на мултикултурните работилници, при што учениците, со помош на нивните наставници, ги прикажаа своите заеднички активности и продукти. „Отворениот ден беше добра можност да ги претставиме нашите активности. Најголемо задоволство е тоа што пробуди интерес кај гостите, па така и родители и директори од други основни училишта би сакале да се вклучат во активностите на нашата секција“ рече Доминика Чауле, наставник и реализатор на секцијата пинг-понг и бадминтон.

Во една од училниците, првачињата ја претставија вежбата за запознавање преку јазикот на другиот. Во друга училница – изложба на слики и продукти од наставата во природа со мешани групи ученици на Пелистер. Третата работилница се состоеше од изработка на разни сувенири за декорација со користење на ластици, хартија и други материјали. Освен овие, сите посетители на отворениот ден можеа да ги видат активностите и резултатите и од други три интерактивни работилници, кои училиштето ги спроведуваше во изминатиот период преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието. „Иако во училиштето има многу активности каде сите заедно работиме и се дружиме, ваков настан [Отворениот ден]не се случува често. Имаше многу родители дојдени дури и од тие што немаат свои деца во оваа училиште. Се надеваме дека сме им оставиле најдобар впечаток па и тие ќе ги донесат своите деца во ова училиште“ рече Селма Азизоска, ученик од четврто одделение кое учествуваше на еколошката секција.

DSC09084Наставата во ова училиште се следи на македонски, турски и албански јазик. ОУ „Братство Единство“ е вистински модел за мултикултурна заедница која во соработка со ПМИО се претвори во активна интеркултурна средина, која обезбедува поголем контакт на учениците од различни етнички припадности, организира поголем број на заеднички активности на учениците и секојдневно заедничко работење на наставниците. Овој отворен ден ни покажа дека успехот во оваа насока е можен, ако му се пристапи со отворено срце.