Monday, September 27, 2021

Обука за наставниците од модел училиштата за спроведување на двојазични мултикултурни работилници

Дваесет и шест наставници од модел училиштата учествуваа на тродневна обука која што понуди нова методологија за спроведување на двојазични работилници со учениците со различен наставен јазик, а имаше за цел да ги развие вештините за спроведување на мултикултурни работилници во училиштата.

Обуката се одржа помеѓу 4 и 15 декември 2012 во Скопје и ја спроведоа обучувачи од Центарот за човекови права и разрешување конфликти (ЦЧПРК).

Првиот дел од обуката им овозможи на учесниците да се запознаат со концептот на мултикултурност и неговите импликации во општествениот и училишниот контекст. Детално се дискутираше во врска со хипотезата за контакт, т.е. потребата за редовни контакти помеѓу учениците коишто учат на различни наставни јазици, и неговите ефекти во училишниот контекст, како основен предуслов за создавање на меѓуетничка интеграција во образованието. Наставниците исто така учествуваа во две симулирани двојазични работилници[1],кои беа проследени со дискусија и презентирање на спецификите на моделот за спроведување на двојазични работилници и придобивките од нив.

Во вториот дел од обуката, седум групи изведоа симулација на работилници со останатите наставници во улога на ученици. По секоја симулациска работилница следеше процес на давање на повратни информации; прво спроведувачите, потоа другите учесници и тимот на обучувачи ги споделуваа своите увиди за тоа што беше добро во работилницата, а што би можело да се направи подобро. Процесот им помогна на учесниците да станат почувствителни во врска со мултикултурните работилници и начинот на кој тие се спроведуваат. Се постигна целта на збогатување на учесниците со совети и идеи за тоа како да бидат поуспешни во двојазичното спроведување на работилниците. На самиот крај на обуката, на учесниците им беа дадени насоки за тоа како да формираат групи, како да планираат активности и како да известуваат за спроведените активности.

Се очекува сите групи да спроведат мултикултурни работилници во второто полугодие од училишната година во секое модел училиште.

 



[1] Работилниците ги создаде тимот на ЦЧПРК под програмата на УНИЦЕФ  наречена Училиште по мерка на детето