Saturday, December 3, 2016
World AIDS Day!

World AIDS Day!

Started in 1988, World AIDS Day is about increasing awareness, fighting prejudice and improving education. ...

Повеќе

Како се создаваат успешните училишни приказни?

Како се создаваат успешните училишни приказни?

Ученици, наставници, стручни соработници и директори се поврзаа во спортските, музичките, ликовните и математичките содржини, ...

Повеќе

Стара чаршија – ризница на култури

Стара чаршија – ризница на култури

Здружението за развој на ромската заедница СУМНАЛ, на 4 и 5 ноември, во хотелот „Молика“ ...

Повеќе

„Партија шах“ во Тетово

„Партија шах“ во Тетово

На почетокот на ноември, средношколците од „Моша Пијаде“ од Тетово го претставија финалниот производ од ...

Повеќе

Цветен воз – симболика за меѓуетничка интеграција во општина Бутел

Цветен воз – симболика за меѓуетничка интеграција во општина Бутел

„Богата е есента“, „Училиште цветна градина“, „Оплеменување на училишниот простор“ и „Истражија општината Бутел“, се ...

Повеќе

Како успешно да се одржуваат училишните згради?

Како успешно да се одржуваат училишните згради?

ПМИО вчера одржа обука за зајакнување на капацитетите на училиштата за одржување на училишните објекти.

Повеќе

Младите ученички од Тетово го стартуваа натпреварувањето во одбојкарска лига

Младите ученички од Тетово го стартуваа натпреварувањето во одбојкарска лига

Ученички од осмо и деветто одделение, од сите основни училишта во Тетово го започнаа натпреварувањето ...

Повеќе

Сите да учат за интегрирање

Стратегијата за интегрирано образование може да послужи како патоказ и катализатор, но освен институциите, клучната улога ја имаат граѓаните – тие можат најмногу да придонесат за намалување на тензиите меѓу етничките групи, вели Роберт Вурц, директор на мисијата на УСАИД во Македонија

Интегрираното образование ќе помогне сите деца од земјава, без оглед на нивната етничка и верска припадност или културно и социјално потекло, да добијат квалитетно образование, што ќе промовира почитување на различностите и ќе обезбеди стабилна средина во која се практикува толерантноста. Овој став на Роберт Вурц, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, е вовед во толкувањето зошто САД силно го поддржува интегрираното образование во Македонија.

– Овој проект ќе се работи првенствено на локално и на општинско ниво, но во тесна соработка со Министерството за образование и наука и со Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор. Kако и секоја друга програма, што се однесува на децата и на образованието, клучниот дел од промоцијата ќе функционира на локално ниво со цел на родителите, наставниците и на другите лидери на заедницата да им се презентираат целите, да им објасниме како планираме да ги постигнеме и да им го доловиме бенефитот за нивните деца и за земјата во целина. Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието е само последниот пример за тоа колку силно веруваме во важноста на образованието за изградбата на посилно, попросперитетно и потолерантно општество во Македонија – вели Вурц.

Мисијата на САД во Скопје минатата година започна нов четиригодишен проект за меѓуетничка интеграција во образованието, вреден 5,2 милиони долари, кофинансиран од УСАИД и од Европската команда на САД.

Што содржи новиот проект?
– Тој има четири компоненти. Едната е комуникација со заедницата, односно подигнување на свеста за важноста на меѓуетничката интеграција и клучната улога што таа ја има за идната стабилност на Македонија и за нејзина евро-атлантска интеграција. Втората е градење капацитети за управување со училиштата и со наставниците. Да им се обезбеди на наставниците, училиштата и на училишните одбори стекнување вештини потребни за позитивно и успешно работење во мултиетничките средини, што ќе им помогнат да ги спречат етничките поделби во училиштата и во заедниците и да создадат услови што ќе промовираат инклузивна и толерантна училишна средина. Третата е модел-училишта, што значи идентификација на неколку конкретни училишта во кои ќе се спроведе посеопфатна и понасочена примена на компонентите на програмата. Последната е стимулирање на училиштата и на заедниците, односно реновирање на училиштата.

Позитивен исчекор напред

Kако ја оценувате успешноста на досега сработеното? Има ли позитивни ефекти и кои се тие?

– Во текот на првата година нашата работа беше главно на терен, организиравме јавни форуми за дискусија и спроведовме пилот-активности. Тоа што го слушнавме мислењето на родителите, наставниците и на припадниците на заедниците во Македонија ни помогна подобро да ги разбереме нивните ставови, интереси и грижи, како и да се справиме со недоразбирањата што ги имаат во врска со интегрираното образование и да изградиме доверба во тие општини. Овие активности беа од витално значење за основата на програмата пред да ја прошириме во целата земја. Исто така, спроведовме и студија на ниво на државата за да ја процениме перцепцијата на луѓето во училиштата и во заедниците во врска со меѓуетничката интеграција. Обучивме тим од сениор-тренери што ќе ги обучуваат наставниците, директорите на училиштата, како и родителите, кои се членови на родителските совети. Во прилог на проектот за меѓуетничка интеграција УСАИД ќе продолжи да соработува со ресорното министерство со цел да го обнови интересот на донаторите во рамките на интегрираното образование, како и да започне нови активности што ќе бидат предводени од донаторите или директно од страна на министерството. Останува уште многу да се направи во оваа област, но веруваме дека веќе забележителниот пораст на активностите е позитивен исчекор напред.

Во изминатиот период се случија неколку настани што ја засегаат сплотеноста меѓу учениците од етничките заедници. Дали она што го предвидува стратегијата вистински ќе придонесе да се намалат овие тензии и конечно ќе ја запре поделеноста во образованието?

– Стратегијата за интегрирано образование на Владата на Македонија беше првиот важен чекор во решавањето на некои од предизвиците со кои се соочуваат заедниците во оваа земја. Стратегијата ја покажа посветеноста на Владата за справување со оваа тема и ја поттикна мотивацијата на донаторите да работат пошироко на ова критично и важно прашање. Стратегијата може да послужи како патоказ и катализатор на процесот, но освен напорите на организациите и на институциите, граѓаните сепак ја имаат клучната улога и тие можат најмногу да придонесат за намалување на тензиите меѓу етничките групи. Младите луѓе во Македонија имаат клучна улога во градењето на сопствената иднина и на иднината на нивната земја, а далеку поголеми шанси да постигнат позабележителен успех имаат доколку работат здружено и со заеднички напори ја прошируваат разновидноста на нивното општество. Училишта се најприродното место и за наставниците и за учениците каде што може да се запознаат, да ги споделат своите искуства и да научат да ги почитуваат и да го ценат другите без оглед на нивната етничка, верска или социјална припадност. Промовирањето позитивна и продуктивна средина во која владее хармонија меѓу граѓаните од сите слоеви останува врвен приоритет за американската амбасада во Скопје затоа што неговото отсуство може да има длабоко негативно влијание врз многу клучни аспекти на општеството. Во прилог на нашите напори за проширување на можностите за интегрирано образование во Македонија исто така ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите и во многу други области.

Kои се најголемите грешки што досега се правеа во однос на воведувањето на интегрираното образование? Дали малку е задоцнета оваа иницијатива?

– Никогаш не е доцна да се работи на почитта и на толеранцијата. Напротив, ова се теми за кои во рамките на секое општество, вклучително и во САД, треба да им се посветува постојано внимание. Непознатите култури, традиции и јазици на моменти може да изгледаат застрашувачки, но разликите се подарок, а богатото културно-историско наследство на Македонија, како и богатството од различности се одличен ресурс и посебен бенефит за Македонија и за нејзините граѓани. Младите луѓе на оваа земја, нивните родители, наставниците и заедниците може да го изградат патот кон посилно, попросперитетно и хармонично општество, со тоа што ќе покажат дека тие учат и работат заедно, со што ќе влијаат во изградбата на плодна и кохезивна култура, која ќе води до успех.

Демократија од прва рака

Kако дел од спроведувањето на интегративните процеси во образованието се организираат обуки за наставници, директори, стручни соработници, родители. Kако се одвиваат тие и што, всушност, учат овие лица за интегрираното образование?

– Резултатите од истражувањето ни помогнаа да ги идентификуваме специфичните потреби на целните групи. Работиме со еднојазични и со повеќејазични училишта од целата земја на теми што вклучуваат: што е интегрирано образование и зошто е важно, како да ги препознаеме сопствените стереотипи и предрасуди, каков вид школски активности може да промовираат етничка кохезија и како да се соработува со други училишта за да се користат најдобрите практики. Нашето досегашно искуство потврдува дека најдобрите идеи доаѓаат од наставниците и од учениците, па затоа и работиме со учениците со цел да избереме претставници од нивното училиште. Ова ќе биде можност учениците да ја согледаат демократијата од прва рака и да научат за нивните права и одговорности како граѓани во мултиетничко општество.

Kолку пари се вложуваат во образованието за реализација на активностите опфатени со стратегијата? Kако донатори со колкав дел партиципирате во вкупниот буџет?

– Многу донатори инвестираат во образованието во Македонија. Од буџетот за образование на УСАИД, 5,2 милиони долари се предвидени за четиригодишниот проект за меѓуетничка интеграција во образованието. Во моментот целокупниот буџет за образование на УСАИД надминува 16 милиони долари и вклучува активности за поттикнување на вклученост на ученици со посебни потреби, подобрување на пристапот до образование за учениците-Роми, зајакнување на системот за професионален развој на наставниците и градење вештини за вработување кај младите. Од 1993 година Амбасадата на САД во Скопје, преку одделот за јавни работи и Kанцеларијата за одбранбена соработка има инвестирано милиони долари за поддршка на многубројни образовни проекти, секој дизајниран за да го зајакне образованиот систем во Македонија за да ги подготви младите луѓе да се соочат со предизвиците во иднина.