Friday, July 30, 2021

Учениците истражуваат: Почитувањето на различностите носи поголеми успеси за бизнисите

DSC_0916Почитувањето на различностите, и во структурата на вработените но и во односот кон клиентите, им носи на бизнисите поголеми успеси. Ова е главниот заклучок на студиите на случај, кои ги подготвија истражувачките тимови составени од ученици од различна етничка припадност од три скопски средни училишта. Резултатите од истражувањата беа претставени на заеднички настан организиран од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и партнерската организација „Моја кариера“, кој се одржа на 26 септември годинава во спортската сала на СГГУ „Здравко Цветковски“ во Скопје.

На заедничката презентација, учениците од СУГС „Јосип Броз Тито“, СУГС „Цветан Димов“, и од училиштето – домаќин на настанот, ги претставија наодите и начинот на кој го спроведоа истражувањето. Тие, под менторство на претставници од „Моја Кариера“ и наставници од нивните училишта, работеа напорно неколку месеци на подготовка на самите студии и на реализација на видео приказна за компанија со мешан етнички состав од земјава. При истражувањето на разновидноста во компаниите, освен прибраните податоци од Интернет и други извори, учениците исто така спроведоа теренско истражување во одбраната компанија, кое вклучуваше  интервјуа со вработените за прашања поврзани за мултиетничката структура на компанијата. Како предмет на нивното истражување, учениците ги одбраа „Уника – Осигурување“, хотелот  „Њу Стар“ и „Порше Македонија“ како три компании со мултиетничка структура на вработените, кои, меѓу другото, го градат нивниот успех преку почитување и интегрирање на различностите во нивното работење.

DSC_0955На самиот настан, освен за наодите и начинот на кој ги истражуваа различностите во овие компании учениците зборуваа и за пречекот, предизвиците и впечатоците, како и научените лекции. Бројната публика, составена од ученици и наставници од овие училишта, претставници од Моја Кариера, ПМИО и МОН, со љубопитност ги следеа одговорите на учениците поврзани со нивните студии на случај. На крајот на настанот, на секој ученик му беше доделен сертификат и симболичен подарок за нивното учество во оваа активност. Публиката си замина со информација повеќе за успешните мултиетнички компании во државата, како и за нови можности за пракса и вработување на младите.