Saturday, June 12, 2021

Свечен настан по повод реновирањето на училиштето во општина Старо Нагоричане

На 5 ноември 2013 година, заедно со директорите, наставниците, родителите, учениците и претставниците на Европската команда на американската војска (EUCOM) и на УСАИД го прославивме реновирањето на основното училиште Христијан Тодоровски Карпош во с. Драгоманце, општина Старо Нагоричане. Процесот на реновирање, финансиски поддржан од страна на владата на Соединетите Американски Држави преку Европската команда на американската војска (EUCOM) создаде подобра средина за учење и за меѓуетничка интеграција во образованието во ова училиште.
“Ние во EUCOM и УСАИД ја препознаваме важноста на меѓуетничката интеграција во образованието во јавните училишта за Република Македонија со цел вашите идни лидери да можат да растат со заеднички вредности и формирани пријателства – пријателства коишто ќе поттикнат едно кооперативно и интегрирано образование“ истакна полковник Џефри Предмор, одбранбено аташе во Амбасадата на САД во неговото обраќање.
По програмата со бројни забавни содржини којашто ја подготвија наставниците и учениците од училиштето, следеше свеченото сечење на лента и неформално дружење на гостите со што се одбележи завршувањето на процесот на реновирање на училиштето.
Училиштето Христијан Тодоровски Карпош продолжува со имплементацијата и организацијата на различни активности во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието (ПМИО), да воспоставува партнерства со други училишта и да го вклучува концептот на меѓуетничка соработка во програмите и предметите на училиштето.