Saturday, September 25, 2021

Човек е богат онолку, колку што има пријатели

DSC09284„Многу е важно да се дружите меѓу себе, деца. Да научите како да го поздравите другарчето на неговиот јазик. Да покажете почит. Еден човек е толку богат колку што има пријатели“, им се обрати возачот на групата ученици од ОУ „Култура“ од с. Матејче, Липково, додека ги носеше на посета кај нивните нови другарчиња во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“, од Ранковце.

И навистина, така и бидна, и од страна на домаќините, и од страна на гостите. Учениците од двете училишта продолжија во тој дух, и заеднички ги поздравија присутните на патрониот празник на „Христијан Тодоровски Карпош“ на македонски и албански јазик. Потоа, изведоа неколку заеднички точки, меѓу кои имаше двојазични рецитали и ора карактеристични за двете етнички заедници. Тоа што можеше да го увиди публиката во преполната сала, вклучувајќи го и градоначалникот на општина Ранковце, Момчило Алексовски, е конструктивната соработка меѓу двете училишта и нивната искрена желба за создавање повеќе можности за комуникација и зближување меѓу децата.

DSC09300Активноста е само дел од неколкуте заеднички зафати кои двете училишта ги планираат и ќе ги реализираат преку малиот грант за спроведување заеднички ученички активности. Со помош на овие средства доделени од ПМИО, учениците веќе одржаа заедничка работилница за образование за животни вештини, а ќе имаат и долгорочна ликовна работилница, долгорочна активност за изработка на карта на природни и културни знаменитости, како и мешан спортски турнир. Немаме сомнеж дека преку напорите кои ги вложуваат двете училишта, учениците од „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Култура“ навистина ќе бидат побогати – поради нивните нови пријателства!