Saturday, September 18, 2021

На теренот сме сите исти – спортот како одлична алатка за меѓуетничка интеграција кај младите

Во здравото тело, здрав е и духот на меѓуетничката интеграција. На 26 септември, повеќе од 150 ученици од различна етничка припадност се собраа во спортската сала во Маврово на заеднички спортски и рекреативни активности, кои се нераскинлив дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.

Од далеку се слушаше пристигнувањето на еуфоричните и радосни ученици од основните училишта „Јосип Броз Тито“ од с. Житовница, „Врапчиште“ од Врапчиште, „7 Март“ од с. Челопек, „Кирил Пејчиновиќ“ од с. Теарце и „Никола Карев“ од Крушево. По пристигнувањето во салата „Маврово“, професионални тренери им помогнаа на децата да формираат мешани групи за трите различни спортски станици. Секоја од овие станици беше составена од неколку вида спортски активности, преку кои учениците откриваа различни вредности во спортот и пошироко – отвореност, тимска работа, комуникација, фер однос, и почитување на другите играчи. Децата брзо ги научија правилата а уште побргу се внесоа во играта и забавата.

Настанот е еден од двата завршни спортски и рекреативни настани со учениците. ПМИО ќе продолжи и понатаму да го користи спортот како алатка за спојување и зближување на децата од различни етнички припадности. Од наставниците по физичко воспитание, кои беа обучени од тимот на ПМИО се очекува да придонесат за одржливоста на овој тип активности . Бидејќи искуството со нив покажува дека спортот и забавата се ефикасен, здрав и одржлив начин за поттикнување на меѓуетничкото дружење кај младите.